| Градоначалникот приреди прием за кошаркарите на „ФЕНИ Индустри“ |
|
|
|
|
ДОГОДИНА ВЕ ЧЕКАМ СО ТРИ ПЕХАРА Клубот изрази благодарност за поддршката од Панов Градоначалникотна општина Кавадарци Александар Панов приреди прием за кошаркарите и раководството на КК „Фени Индустри“. Приемот беше во чест на освојувањето на двојната круна, шампионската титула во машката супер лига и националниот куп. Во кабинетот беше претесно за кавадаречките горостаси кои годинава приредија најмногу радост за љубителите на спортот.
Градоначалникот Панов во поздравниот збор уште еднаш ја искажа својата лична како и поддршката која советот и локалната самоуправа ја даваат кон кошаркарите и општо кон спортот во градот. Им заблагодари на играчите и раководството на клубот за убавите моменти што ги приредија во текот на сезоната. Уште еднаш подвлече дека општината и натаму ќе помага во обезбедувањето на условите за развој на спортот. Притоа се интересираше за поставеноста на работата во клубот особено со младите категории. Честитајќи им на успехот посака наредната сезона да се најдат на истото место но со три пехари, од кои едниот ќе биде од Балканската БИБЛ лига. Трофеј од меѓународно натпреварување што недостига во витрините на клубот, а и во богатата спортска историја на Кавадарци. Претседателот на клубот Амир Абед искажа голема благодарност кон градоначалникот и општината за нескромната поддршка. Се заблагодари на искрениот прием при што искажа и огромна благодарност до навивачите и кавадарчани, притоа потенцирајќи дека „Фени Индустри“ е клуб на градот, а покрај играчите тренерите и раководството, составен негов дел се и луѓето на Кавадарци. Панов од клубот доби портокалов шал со потписите на сите кошаркари, тренери и членови на Управниот одбор, во знак на сеќавање за шампионската натпреварувачка 2009/2010 година. |








